Мозес Рајт казнет поради доцнење во Олимпија Милано

Мозес Рајт
Фото: SneakinDeacon / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Македонскиот репрезентативец Мозес Рајт го почна натпреварот на Олимпија Милано против Тренто во италијанското првенство од клупата, бидејќи задоцнил на состанокот пред натпреварот. Тоа го откри привремениот тренер Марко Рамондино, пренесува Баскетњуз.

„Задоцни на состанокот пред натпреварот, па одлучив да почне од клупата“, изјави Рамондино по средбата.

Рајт, кој беше стартер на претходните шест натпревари во италијанското првенство, одигра 14 минути и заврши со 11 поени и пет скока. Олимпија победи со 88-86.

Според Пјанета баскет, спортскиот директор Даниеле Бајези остро го коментираше случајот и најави дека ќе бидат преземени и други мерки.

Рамондино привремено ја водеше екипата по отказот на Пепе Поета, а нов тренер на Олимпија е Лука Банки.

Дваесет и седумгодишниот центар во италијанското првенство има просек од 11,6 поени и 4,3 скока, а во Евролигата бележи 12,1 поен и 5,5 скока по натпревар.

Олимпија и онака има проблеми на центарската позиција, бидејќи Девин Букер ќе отсуствува три месеци поради повреда.

Олимпија е последна во Евролигата со само една победа во десет натпревари. Во следното коло Милано го пречекува Жалгирис, поранешниот клуб на Рајт, кој е во серија од четири победи.