Скандалот со местење натпревари во грчката кошарка добива нови размери. Според медиумите, грчките власти отвориле истрага за уште седум судии, а тројца од нив суделе во највисокиот ранг на грчкото првенство.
Како што објави грчката телевизија „Стар“, а пренесува порталот „Атлетико“, седумте судии во наредните денови ќе бидат повикани да дадат објаснувања за нивната наводна вмешаност во манипулирањето со кошаркарски натпревари. Засега нема потврда дека против нив се подигнати обвиненија.
Паралелно со тоа, грчката Управа за спречување перење пари води посебна истрага во која се вклучени пет лица, пишува Баскетњуз.
Меѓу осомничените има и судии од Евролигата
Случајот започна со налози за апсење на шест лица осомничени за местење натпревари и поткуп. Меѓу нив се и тројца судии кои во последните години делеа правда во Евролигата, Илијас Коромилас, Петрос Папапетру и Василики Царука, а во случајот се споменува и поранешниот судија Тасос Пилоидис.
Царука беше единствената од нив која сè уште беше активна во судискиот систем на Евролигата кога избувна скандалот. Евролигата ја суспендираше веднаш по нејзиното апсење во Грција.
Аферата предизвика и големи промени во раководството на грчката кошарка. Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Грција поднесе оставка поради наводната вмешаност, по што беше избран нов претседател.
Истрагата продолжува, а сите споменати лица се сметаат за невини сè додека нивната евентуална одговорност не биде утврдена во соодветна постапка.
















