Валенсија ја победи Виртус од Болоња со 92-87 во 13тото коло од Евролигата и го задржа првото место на табелата со учинок од 10 победи и три порази, иако на помалку од пет минути пред крајот имаше негатива од десет поени, објави Евролигата.
Шпанскиот тим во „Роиг арена“ изедначи рекорд во натпреварувањето со 30 скока во напад. Според Валенсија, ова е најдобриот старт на клубот во една сезона во Евролигата, со десет победи на 13 натпревари.
Домаќините водеа со 30-22 по првата четвртина, а на полувремето со 50-40. Виртус со серија од 10-0 во третата четвртина се приближи на 67-63, а во последната четвртина со нова серија од 16-0 поведе со 76-67.
Валенсија возврати со серија од 17-3. Никола Миротиќ го започна пресвртот со пет брзи поени, Армони Брукс изедначи со тројка, а Ти-Џеј Шортс по украдена топка донесе водство од 86-84 на 37 секунди пред крајот. Трент Фрејжер со тројка ја намали разликата на 88-87 на пет секунди пред крајот, но Брукс беше прецизен од линијата за слободни фрлања.
Нил Сако и Шортс постигнаа по 20 поени, а Сако имаше и 11 скока. Кам Тејлор додаде 15, Брукс 12, а Миротиќ 11 поени. Кај Виртус најефикасен беше Рашид Бело со 15 поени, Маркус Кар постигна 13, а Фрејжер и Бо Клинтман по 12.
„Ова е голема победа. Крај на двојното коло, уморни нозе, а да можеш да се вратиш од голем минус во четвртата четвртина, тоа покажува многу карактер кај оваа екипа“, изјави Шортс. Сако додаде: „Бевме во лоша позиција на крајот, но успеавме да се вратиме. Знаеме дека сме добра екипа ако останеме сконцентрирани.“
Во другите натпревари од четвртокот, според Еурохупс, Дубаи го победи Макаби во Тел Авив со 80-74, Панатинаикос славеше на гостувањето кај Жалгирис со 87-72, Баерн ја совлада Баскониа со 100-81, Милано го победи Фенербахче со 78-70, а Париз беше подобар од Хапоел Тел Авив со 97-96.
Колото продолжува во петок, кога Анадолу Ефес игра против Асвел, Олимпијакос против Реал Мадрид, Барселона против Црвена ѕвезда, а Партизан против Бешикташ. Олимпијакос е втор на табелата со девет победи и три порази.
















