Вашингтон Визардс во саботата вечерта го отпушти главниот тренер Брајан Киф, само неколку часа по домашниот пораз од Орландо Меџик со 91-116. Привремен тренер до крајот на сезоната ќе биде неговиот досегашен помошник Адам Капорн, соопшти клубот, пренесува Еј-Ес-Пи-Ен.
„Ваквите одлуки никогаш не се лесни, но дојде време тимот да продолжи понатаму со нов глас“, изјави претседателот на Визардс, Мајкл Вингер. „Брајан беше важен дел од нашата организација и помогна да се постават темелите на развојот на играчите во Вашингтон.“
Вашингтон против Орландо заостануваше со 30 поени на полувремето, а во вторникот против Бостон имаше негатива од 31 поен по првото полувреме. Со тоа Визардс станаа првиот тим во историјата на НБА што на два последователни натпревари заостанувал со 30 или повеќе поени на полувремето.
Тимот ја почна сезоната со четири победи и три порази, но оттогаш забележа три победи и десет порази, од кои шест со најмалку 15 поени разлика, наведува Асошиејтед прес. Визардс во моментов имаат седум победи и 13 порази.
Киф ја презеде тренерската функција во јануари 2024 година, кога го замени Вес Анселд помладиот, а заминува со 50 победи и 173 порази, што е најлошиот учинок во лигата во тој период. Меѓу 173 тренери во историјата на НБА што воделе најмалку 200 натпревари, Киф има најнизок процент на победи од 22,4 отсто.
Пред почетокот на сезоната се очекуваше Вашингтон да биде многу поконкурентен по доаѓањето на искусните Треј Јанг и Ентони Дејвис, како и на првиот избор на драфтот, Еј-Џеј Дибанца. Дејвис го пропушти саботниот натпревар поради болест, пренесува Вашингтон пост.
Ова е трета сезона на Капорн во стручниот штаб на Визардс, а од март 2025 година тој е и селектор на Австралија. „Неговото тренерско искуство, познавањето на организацијата и работата со развојот на играчите го прават вистинскиот човек да го преземе тимот“, рече Вингер.
















