Жалбата на Манчестер Сити против пресудата за кршење на финансиските правила на Премиер лигата ќе се разгледува во средината на декември, а евентуалните казни ќе бидат познати дури следната година, пишува Манчестер ивнинг њуз, повикувајќи се на Фајненшал тајмс.
Независната комисија во септември го прогласи Сити за виновен по 114 од вкупно 115 обвиненија подигнати во 2023 година. Клубот е прогласен за виновен за кршење на финансиските правила меѓу 2009 и 2018 година и за попречување на истрагата на Премиер лигата до 2023 година.
Според комисијата, Сити користел лажни спонзорски договори за да прикрие повеќе од 830 милиони фунти од средствата на сопственикот Шеик Мансур како легитимни приходи, а прикривал и речиси 17 милиони фунти неевидентирани исплати на вработени и играчи.
Клубот веднаш ги отфрли наодите како „несигурни“ и на 1 октомври поднесе жалба. Според правилата на лигата, тричлената жалбена комисија мора да ја разгледа жалбата во рок од 12 недели. Расправата треба да трае неколку дена, а одлуката се очекува во новата година.
Доколку жалбата биде одбиена, ќе следува одлука за казната. Комисијата може да изрече каква било санкција, од одземање бодови до препорака за исклучување од лигата. Исклучувањето мора да биде изгласано од клубовите, а за тоа се потребни гласовите на 15 клубови.
Засега не е јасно дали евентуалните казни би стапиле на сила оваа или следната сезона. Конечното правно разрешување на случајот може да се одолжи до 2028, па дури и до 2029 година.
Се очекува Сити на расправата да тврди дека спорните спонзорски средства доаѓале од владата на Абу Даби како суверено тело, а не од приватна компанија. При поднесувањето на жалбата, клубот изјави дека пресудата содржи „јасни материјални грешки во правото, принципите и фактите“.
Жалбата не претставува ново судење, па Сити ќе мора да докаже дека комисијата направила правни или процедурални грешки. Клубот има право на посебна жалба и против евентуалната казна.
















