Четвртото коло во Евролигата заврши со три натпревари во петокот, а најголемото изненадување го приреди Жалгирис. Литванскиот тим на гостувањето во „Палау Блауграна“ заостануваше со десет поени пред последната четвртина, но со фантастична завршница ја совлада Барселона со 88-81.
Барселона на полувремето водеше со 41-39, а по три четвртини имаше предност од 65-55. Тогаш играта на домаќините целосно се распадна. Жалгирис последниот период го доби со 33-16, погоди вкупно 13 тројки со 48,1 отсто успешност и ја доби борбата под кошевите со 36-26 во скоковите.
Најдобар кај гостите беше Карсен Едвардс со 19 поени и седум асистенции, Дастин Слива постигна 14 поени и забележа пет скока, а Мариус Григонис и Јонас Валанчиунас имаа по 12 поени. Искусниот центар до својот учинок, во кој имаше и девет скока, стигна за само 19 минути на паркетот. Кај Барселона се истакна само Џастин Робинсон со 20 поени и четири тројки, Кевин Пантер заврши со девет, а Тосан Евбуомван со осум поени.
Олимпијакос брзо го заборави првиот пораз во сезоната, кој го доживеа во претходното коло од Виртус. Грчкиот тим во Пиреја убедливо го совлада Анадолу Ефес со 89-66 и сега има учинок од три победи и еден пораз, додека тимот на Пабло Ласо го доживеа вториот последователен пораз и има учинок од 1-3.
Гостите од Истанбул на полувремето заостануваа со само 31-35, но Олимпијакос по паузата постигна по 27 поени во третата и четвртата четвртина. Жан Монтеро беше најефикасен кај Грците со 16 поени, Тајрик Џонс додаде 11 поени и шест скока, а Саша Везенков, Тајсон Ворд и Мамаду Нијаје постигнаа по девет. Домаќините доминираа под кошевите со 49-31 во скоковите, од кои дури 21 беа во напад. Кај Ефес, Камерон Пејн на дебито постигна 12 поени, Пи Џеј Дозиер 11, а Џордан Лојд десет.
Во Виторија, Бешикташ ја забележа втората гостинска победа во сезоната, откако ја совлада Басконија со 92-84. Скоти Вилбекин беше најдобриот играч на натпреварот со 24 поени и шест погодени тројки, Девон Дотсон и Венјен Габриел постигнаа по 14 поени, а Џејлен Ноуел додаде 12.
Тимот на Душан Алимпијевиќ по првата четвртина водеше со 28-20, Басконија направи пресврт и на полувремето водеше со 51-49, но гостите повторно ја презедоа контролата во третата четвртина и во последните десет минути им дозволија на домаќините да постигнат само 13 поени. Кај Басконија најефикасен беше Крис Дуарте со 23 поени, при што ги погоди сите 15 слободни фрлања, а Кенет Фарид заврши со десет поени и девет скока.
Во четвртокот, Реал Мадрид ја прекина серијата на Партизан со победа од 86-76, Панатинаикос го совлада Фенербахче со 92-74, Валенсија беше подобра од Хапоел Тел Авив со 93-82, Макаби Тел Авив ја победи Олимпија Милано со 97-79, Виртус славеше кај Баерн со 94-87, а Црвена звезда победи во Дубаи со 77-58. Колото го отвори Асвел, кој уште во средата славеше во Париз со 98-96.
Извори: Eurohoops, Eurobasket
















