„Сари ми беше како татко во Наполи“


Му ги броиме деновите на Тен Хаг во Манчестер! ↓↓↓


Аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин во претходното лето стана најомразена личност во Неапол бидејќи се одлучи дресот на Наполи да го замени со Јувентус.

Игуаин за 94 милиони евра премина во редовите на Старата дама што ги разочара навивачите на Наполи.

Аргентинецот беше љубимец на навивачите на овој клуб, но заминувањето во Јувентус е окарактеризирано како големо предавство, и навивачите на Наполи му порачаа дека за негово добро е повеќе да не доаѓа во овој град.

Сепак, аргентинскиот напаѓач денеска изјави дека од Наполи носи само убави спомени, и дека е посебно задоволен со односот кој го имаше со некогашниот тренер Маурицио Сари.

„Тој за мене беше како татко во Наполи. Сигурно е еден од најдобрите тренери со кои имав шанса да работам и едноставно знаевме како треба да функционира. И сега имам одличен однос со Алегри во Јувентус, но Сари е посебен кога станува збор за повеќе работи“, рече Игуаин.

Аргентинскиот напаѓач во минатата сезона во дресот на Наполи постигна дури 36 голови. Јуве наскоро ќе игра во Неапол, а италијанските медиуми ги интересираше како Игуаин се чувствува по повод враќањето во овој град.

„Ќе играме два натпревари во Неапол, но сум смирен. Работите може да бидат полоши доколку сте нервозни и поради тоа сакам да бидам што посмирен“, додаде аргентинскиот напаѓач.