Ентони Џошуа направи голема промена пред боксерската пресметка со Тајсон Фјури на 11 декември во Кардиф. Британецот го напушти тимот на Олександр Усик во шпанската Гандија и ја обнови соработката со тренерот Бен Дејвисон, пренесува Токспорт.
Во стручниот штаб се врати и Шон Марфи, кој му беше тренер на Џошуа во неговите аматерски денови. Боксерот од Вотфорд за весникот „Сан“ објасни дека одлуката ја донел сам, една вечер во својата градина.
„Го напуштив претходниот тим кога тренирав во Гандија со тимот на Усик. Тоа беше феноменално искуство, но за оваа борба нешто во мене ми велеше дека за стилот на борба што сакам да го имам и она што сакам да го изведам, морам да направам промени“, изјави Џошуа.
„Затоа разговарав со Бен Дејвисон и со Шон Марфи и ја сменивме локацијата. Тренинзите одат добро, тешко е, но јас сум специјалист за нокаути и, ако сум искрен, тоа и го барам. Сакам да влезам во рингот и да го нокаутирам противникот“, додаде 37-годишниот боксер, пишува Боксинг сцена.
Дејвисон веќе работеше со Џошуа во 2023 и 2024 година, кога британскиот боксер ги победи Ото Валин и Франсис Нгану, но нивната соработка заврши по поразот од Даниел Дубоа во петтата рунда. Потоа Џошуа премина во тимот на Усик и ги совлада Џејк Пол и Кристијан Пренга.
Дејвисон добро го познава и Фјури, кого го тренираше во пет борби во периодот од 2017 до 2019 година, вклучувајќи го и првиот дуел со Дионтеј Вајлдер. Сепак, Фјури смета дека таа поврзаност не значи многу. „Тоа е истиот Бен Дејвисон кого го напушти затоа што не беше доволно добар пред една борба“, изјави Фјури за Боксинг њуз.
Пред промената, Усик прогнозираше дека Џошуа ќе го нокаутира Фјури во првите шест рунди, пренесува Мирор. Самиот Џошуа најави победа пред крајот на осмата рунда, а сите шест негови последни борби завршија пред крајот на таа рунда.
















