Младите херои отпатуваа за Полска


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Младите фудбалски репрезентативци со чартер лет замина за Полска каде од 17 јуни ќе учествува на Европското првенство за играчи до 21 година.

Пред заминувањето се одржа и прес конференција на која свое видување дадоа селекторот Благоја Милевски како и Давид Бабунски и Ѓоко Зајков.

Селекторот кој беше предводник на историскиот успех потенцираше дека никој не смее да ја потцени нашата репрезентација и дека тие ќе играат со истата желба како и во квалификациите: „ Присуството на голем број на претставници на седмата сила е најдобра потврда за постигнатиот успех. Ќе се обидеме во Полска да бидеме на посакуваното ниво. На турнирот се најдобрите млади селекции во Европа. Сите фудбалери се подготвени, здрави и подготвени да одговорат на предизвикот. Концепцијата на игра и пристапот нема да го менуваме. Се работи за силни репрезентации со одлични индивидуални квалитети. Ние ќе играме со истата желба како во квалификациите. Овие момци не смее никој да ги потцени, бидејќи имаат и фудбалски и пред се човечки квалитети.“

Двајцата капитени на репрезентацијата Давид Бабунски и Ѓоко Зајков порачаа дека се подготвени и дека имаат квалитет за надигрување со големите фаворити како Шпанија и Португалија.

„Моментот што сите го очекуваме се приближува. Подготвени сме и веруваме дека можеме да направиме нешто големо и сите да се радуваме. Шпанија е една од најсилните репрезентации. Но, ние докажавме дека можеме да се носиме со силните селекции. На терен сме 11 на 11 и веруваме во себе. Играме три меча во краток интервал, но каде не може физички, ќе го оставиме срцето на терен за да постигнеме резултат. Голема благодарност за македонскиот народ за целокупната поддршка“- истакна Давид Бабунски.

„Од ден на ден притисокот се зголемува. Но, истиот е позитивен и за нас претставува дополнителен мотив да продолжиме по патот на успехот. Имаме квалитет и тоа го потврдивме. Сега дојде времето да покажеме дека овој успех не е случаен. Ќе се надигруваме со секого. Не гледам причина зашто би се плашеле од некој противник. Одиме од натпревар во натпревар. Чекор по чекор. Но, не гледам зашто не би размислувале за следната фаза“- потенцираше Ѓоко Зајков.

Првиот натпревар на Европското првенство Македонија го игра на 17 јуни против Шпанија, а потоа следат натпреварите со Србија (20 јуни) и Португалија (23 јуни).