Покетино: Во ЛШ нема подароци, а ние можеме да стигнеме до осминафиналето…


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино истакна дека верува дека неговиот тим може да слави против Барселона во последниот меч од групната фаза во Лигата на шампионите.

По два порази на почетокот на натпреварувањето, Тотенхем врза две победи, од кои едната синоќа, со голот на Кристијан Ериксен против Интер.

Лондонскиот клуб го зазеде второто место на табелата со седум бодови, колку што има и третопласираниот Интер. Барселона е прва со 13 бодови, а ПСВ има еден бод.

За премин во осминафиналето на Тотенхем му е потребна победа над Барселона во Шпанија, но и да се поклопи резултатот од вториот меч во групата.

„Во фудбалот се е возможно. Ја почитуваме Барселона, тоа е една од најдобрите европски екипи. Ќе биде тешки, но мораме да веруваме дека можеме да победиме. Мораме да покажеме најдобра игра, да бидеме свежи и да не заобиколат повредите“, истакна Покетино, пренесоа британските медиуми.

Тој истакна и дека очекува дека Барселона ќе биде во најсилен состав, и покрај тоа што веќе се пласирала во осминафиналето.

„Не знам како тие ќе се подготват за мечот, ние мораме да се подготвиме најдобро што можеме. Никој ништо нема да ти подари во Лигата на шампионите, ќе биде натпреварувачки меч“, додаде Покетино.