Пукна петарда во мрежата на Саудиска Арабија на отворањето на Мундијалот

Руската репрезентација имаше убедлив настап против Саудиска Арабија на отворањето на Светското првенство на стадионот „Лужники“ во Москва.

„Зборнаја“ очекувано беше надмоќна во текот на целиот натпревар и без никаков проблем славеше против Саудиска Арабија.

Русите го отворија натпреварот уште во 12. минута со голот на Газински кој ја искористи асистенцијата на Головин и со глава го матираше голманот на Саудиска Арабија. На 2:0 зголеми Денис Черишев со одличен гол на две минути пред крајот на првиот дел.

На 3:0 зголеми напаѓачот на Зенит, Дзјуба во 71. минута, а последните два гола на домашниот тим беа вистински мајстории. Најпрво Черишев во 91. минута со одличен удар зголеми на 4:0, а конечниот резултат го постави Головин со гол од слободен удар.