Девана Бонер: Не знам многу за Хрватска и Германија, ама се надевам на победа!

Фантастичната американска кошаркарка Девана Бонер, која го носи дресот на Конектикат Сан, ќе заигра за Македонија на турнирот кој неделава се одржува во Рига.

Искусната 33-годишна кошаркарка зад себе има една од најдобрите сезони во женската верзија на НБА-лигата и таа е трет стрелец во најсилната женска лига во светот.

Бонер минатата сезона во просек постигнуваше по 19,7 поени по натпревар, а притоа има и 7,8 скокови по меч.

„Имав неколку тренинзи со тимот, прво во Охрид, па сега и во Рига, а се надевам дека ќе бидам доволно подготвена за натпреварите. Ова е првпат да се сретнам со тренерите и тимот. Девојките се млади и работат напорно. Среќна сум што сум тука. Не ги познавам многу Хрватска и Германија, но се надевам на победи“, вели Американката.