Претседателот на Евролигата и една од најголемите легенди на европската кошарка, Дејан Бодирога, ќе биде пратеник во Собранието на Србија. Поранешниот репрезентативец беше на 24тото место на студентската листа, која убедливо победи на предвремените парламентарни избори одржани во неделата.
Според првите проекции, Студентската листа освои околу 52 отсто од гласовите, што треба да ѝ донесе меѓу 135 и 140 од вкупно 250 пратенички места. Со тоа Бодирога, кој е претседател на Евролигата од 2022 година, сигурно влегува во парламентот, пренесува Еврохупс.
„Денеска, пред сè, Србија се бори за слобода“, изјави Бодирога за време на изборниот ден, повторувајќи ја главната порака на студентското движење.
По објавувањето на првите резултати, тој не го криеше задоволството. „Ја очекувавме победата. Младоста победи“, рече Бодирога, а на прашањето за реакцијата на власта одговори: „Не размислувавме за тоа, се фокусиравме на нас“, пишува белградскиот Данас.
Името на Бодирога се спомнува и во контекст на претседателските избори во Србија, кои се очекуваат во декември. Тој е меѓу најпознатите лица на студентската листа, пишува Национале.
Бодирога е еден од најтрофејните кошаркари во историјата на европската кошарка. Со Панатинаикос и Барселона освои три титули во Евролигата, а со репрезентацијата на СР Југославија беше двапати светски и трипати европски шампион.
Родениот Зрењанинец ја градеше кариерата во Италија, Шпанија и Грција, а по завршувањето на играчката кариера остана во кошарката како функционер.
















