До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Селекторот на македонската А репрезентација Игор Ангеловски по објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварите со Израел и Италија даде свое видување за очекувањата од натпреварите. Предводникот на нашата најдобра селекција на прес-конференцијата истакна дека силно верува на играчите кои добија доверба и очекува максимален ангажман за време на подготовките и натпреварите.
-Повиканите фудбалери се речиси истите од воведниот квалификациски натпревар против Албанија. На голманската позиција повикан е Мартин Богатинов, голман со големо интернационално искуство и сигурно дека ќе придонесе за тимот. Ги повикавме Душко Трајчевски и Адис Јаховиќ за да имаме фудбалери од сите профили и да ја зголемиме конкуренцијата.
Македонија ќе ги бара првите бодови во квалификациите за СП 2018 во Русија. Селекторот Ангеловски вели дека фокусот е на натпреварот со Израел.
-Со секој освоен бод сум задоволен. Дај боже да освоиме три бода на двата меча. Италија е апсолутен фаворит, Израел е квалитетен тим и опасен. Добри страни им се брзината, противнападот и затоа мора да бидеме максимално внимателни, да не дозволиме да развијат своја игра. Имаат играчи кои се во клубови кои играат во групната фаза од Лига на Европа, сето тоа е показател за нивниот квалитет, вели Ангеловски.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 3. октомври во Скопје. Натпреварот со Израел се игра на 6. октомври од 20:45 часот, а со Италија е на 9. октомври, исто така од 20:45 часот, на Националната арена „Филип Втори“.















