Кендрик Нан не беше дел од составот на Панатинаикос за неделното дерби против АЕК во грчкото првенство. Американскиот бек доби посебна дозвола од клубот да отпатува во Катар, каде што треба да ја заврши постапката за добивање катарски пасош.
Во Доха ќе ги среди документите и ќе направи медицински прегледи за да може да настапува за домаќинот на Светското првенство во 2027 година, пишува Јурохупс.
Според истиот извор, Нан не беше меѓу шестмината странци во составот поради планирањето и дозирањето на оптоварувањето. Во Атина треба да се врати во вторник наутро и ќе му биде на располагање на Жељко Обрадовиќ за натпреварот од Евролигата против Барселона на 13 ноември.
Натурализацијата ќе активира и договор кој, според Јурохупс, му носи по 1,5 милиони за секое големо натпреварување на кое ќе настапи за Катар.
Грчките медиуми пишуваат и за петгодишен договор вреден околу десет милиони евра. Информацијата прва ја објави Спорт24, пренесува Баскетњуз.
Катар како домаќин автоматски учествува на Светското првенство, кое ќе се игра од 27 август до 12 септември 2027 година.
Минатата недела Нан постигна 33 поени во победата по продолжение на гостувањето кај Реал Мадрид.
















