Инфантино го вади кецот од ракав - ФИФА дели на федерациите 5.000.000.000 евра!

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Ѓани Инфантино, е подготвен да на националните федерации им подели пари од резерва во вредност од над пет милијарди евра.

Во писмото кое имаше увид Би-Би-Си (BBC), а кое во понеделникот беше испратено до претседателите на шест континентални конфедерации, Инфантино изјавува дека ќе го поддржи „највисокото ниво на дополнително финансирање што одговорно може да се обезбеди“, пренесува денес BBC.

Неговото писмо следеше по барањето на Европската фудбалска унија (УЕФА) и Конфедерацијата на Северна и Централна Америка и Карибите (Конкакаф) од ФИФА да на сите членки (вкупно 211) им исплати по 10 милиони долари од своите резерви.

По тој предлог ќе се расправа Советот на ФИФА на состанокот на 15 октомври.

„Не сакам однапред да го прејудицирам износот“, напиша Инфантино.

Инфантино изнесе нова одбрана на неуспешниот предлог за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство, што предизвика повици да си даде оставка.

Тој повтори дека целта на планот беше да се обезбедат дополнителни пари за фудбалот.

И покрај критиките против неговиот контроверзен план за пласирање на профитот од Светското првенство на пазарот преку комерцијална подружница, како и загубата на поддршка од многу национални федерации, ФИФА известува дека Инфантино планира повторно да се кандидира на изборите следната година за последен мандат, кој би траел до 2031 година.