Овечкин ја најави последната сезона во НХЛ: рекордерот по голови се повлекува по 22 сезони во Вашингтон

Овечкин ја најави последната сезона во НХЛ: рекордерот по голови се повлекува по 22 сезони во Вашингтон
Фото: Michael Miller / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Александар Овечкин ја најави последната сезона во кариерата. Легендарниот капитен на Вашингтон Капиталс соопшти дека сезоната 2026/27 ќе му биде последна во НХЛ, а објавата ја направи точно 21 година по дебито во лигата, објави клубот на официјалната страница на НХЛ.

„Со семејството ова лето одлучивме дека ова ќе биде мојата последна година во НХЛ. Многу ја сакам оваа игра, но во срцето знам дека тоа е вистинската одлука. Ми беше важно да ја објавам одлуката пред нашиот прв домашен натпревар, за да имам можност да им се заблагодарам на сите луѓе околу хокејот, на сите што беа толку важни за мене и за моето семејство и ми помагаа и во добрите моменти и во тешките порази“, изјави Овечкин.

„Без нив не ќе можев да го постигнам сето она што го постигнав во животот. Возбуден сум поради оваа сезона со соиграчите и ќе направиме сè за оваа година да биде посебна. Ќе уживам во секој момент со моето семејство, моите момчиња, навивачите и сите што беа дел од мојата хокејска кариера“, додаде Русинот.

Овечкин на 17 септември наполни 41 година и ја игра својата 22ра сезона во НХЛ, сите во дресот на Вашингтон. Тој е најдобар стрелец во историјата на лигата со 929 гола во регуларниот дел, а во кариерата има 1.688 поени, 929 гола и 759 асистенции, на 1.575 натпревари. Во април 2025 го постигна 895тиот гол и го надмина рекордот на Вејн Грецки од 894 гола, кој траеше 31 година, потсетува BBC Sport.

Рускиот напаѓач е прв во историјата на НХЛ и по головите од игра со човек повеќе (331), по победничките голови (141) и по сезоните со најмалку 40 гола (14). Во 2018 година како капитен го предводеше Вашингтон до првата Стенли куп титула во историјата на клубот.

Пред последната сезона го чекаат уште неколку историски бројки. На 11 гола е од тоа да го престигне Грецки по вкупниот број голови во регуларниот дел и плејофот заедно (1.016), а на четири асистенции е од клупскиот рекорд на Никлас Бекстром (762). Заедно со Сидни Крозби, тој им се приклучи на Горди Хау, Алекс Делвекио, Стен Микита и Стив Изерман како единствените играчи со 22 сезони во еден клуб во НХЛ.

Вашингтон го избра Овечкин како прв пик на драфтот во 2004 година, а тој во лигата дебитираше во октомври 2005, кога постигна два гола против Коламбус. Капиталс најавија и кампања во текот на целата сезона: од ноември, на осми во секој месец, клубот ќе објавува нова хуманитарна иницијатива во која лично ќе учествува Овечкин, со бројот осум што го носи на дресот.

Првиот домашен натпревар во новата сезона Вашингтон го игра во средата против Питсбург Пингвинс во „Капитал уан арена“. „Се гледаме во среда“, им порача Овечкин на навивачите во својата изјава.