ЦАС ја слуша жалбата на Сенегал за титулата во Купот на нации на Африка, одлуката нема да биде денеска

Седиштето на Спортскиот арбитражен суд во Лозана
Фото: Fanny Schertzer / Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Спортскиот арбитражен суд (ЦАС) во Лозана денеска ја разгледува жалбата на Сенегал, на кого му беше одземена титулата во Купот на нации на Африка и беше доделена на Мароко. Сослушувањето е затворено за јавноста, а пред тричлениот совет свои аргументи изнесуваат Сенегал, Мароко и Африканската фудбалска конфедерација (КАФ).

Сенегал го доби финалето во Рабат во јануари со 1-0 по продолженијата, но два месеци подоцна Апелациониот одбор на КАФ го поништи резултатот. Одлуката гласеше дека Сенегал го загубил натпреварот службено, а на Мароко му беше доделена победа од 3-0.

Причина за тоа беше настанот при крајот на регуларниот дел. По досудениот пенал против Сенегал, неговите фудбалери го напуштија теренот на 14 минути, а дел од нив отидоа и во соблекувалната во знак на протест. Играта потоа продолжи, Мароко не го реализираше пеналот, а Сенегал го постигна победничкиот гол во продолженијата.

Жалбата до ЦАС беше поднесена на 25 март, а дури сега дојде на ред. „По сослушувањето советот ќе почне со разгледување. Во оваа фаза ЦАС не може да каже кога ќе биде донесена конечната одлука, но тоа нема да биде на денот на сослушувањето“, се вели во соопштението на судот, пренесува Al Jazeera.

Со советот претседава францускиот професор Жерар Симон, а членови се италијанскиот професор по меѓународно право Луиџи Фумагали и Германецот Улрих Хас, професор по право на Универзитетот во Цирих.

Се очекува Сенегал да се повика на Правилата на играта и на авторитетот на судијата. Конгоанскиот судија Жан Жак Ндала им дозволи на фудбалерите да се вратат, ја продолжи играта и го одсвири крајот со победа на Сенегал. Адвокатот на Сенегал, Шпанецот Хуан де Диос Креспо Перес, го нарече повторното „судење“ на веќе завршен натпревар досега невидено, пишува GOAL.

Мароко, пак, бара буквална примена на членовите 82 и 84 од правилникот на турнирот, според кои екипата што одбива да игра или го напушта теренот пред регуларниот крај без дозвола од судијата се смета за поразена и се елиминира од натпреварувањето. Претседателот на Фудбалската федерација на Мароко, Фузи Лекџа, тврди дека прекршокот бил извршен веќе во моментот кога играчите го напуштиле теренот, а во прилог на мароканската теза е и податокот дека во еден момент на теренот останале само тројца фудбалери на Сенегал, иако правилата бараат најмалку седум.

Клучното прашање пред ЦАС е дали привременото напуштање на теренот може да се изедначи со откажување од натпреварот, или враќањето и продолжувањето на играта под водство на судијата го штитат спортскиот резултат, извести TimesLIVE.

Во меѓувреме, квалификациите за Купот на нации 2027 веќе започнаа. Сенегал под водство на Патрик Виера одигра нерешено со Мозамбик и победи во Етиопија со 1-0, а Мароко ги доби двата натпревари, против Габон и Лесото.