Натпреварот од Елитната Лига на шампионите на Азија меѓу саудискиот Ал Наср и Ал Васл од Обединетите Арапски Емирати, кој требаше да се одигра во понеделникот во Ријад, е одложен. Азиската фудбалска конфедерација (АФК) ја донесе одлуката поради прекинот на воздушниот сообраќај меѓу двете земји.
Дуелот од третото коло на лигашката фаза беше закажан на стадионот „Кинг Сауд Универзити“, домот на тимот на Кристијано Роналдо. Ал Васл не можеше да отпатува за Ријад поради откажаните летови, пренесува Галф њуз.
„Новиот датум и времето на почетокот на натпреварот ќе бидат потврдени и соопштени дополнително“, се вели во соопштението на АФК.
Причина за проблемите со летовите се новите закани и напади на јеменските бунтовници Хути врз саудиските аеродроми. Според Калиџ тајмс, откажани или одложени се летовите на повеќе авиокомпании, меѓу кои Емирејтс, флајдубаи, флајнас и Саудија, кон Ријад, Џеда, Медина и Дамам.
Саудиската цивилна заштита соопшти дека парчиња од две пресретнати балистички ракети, лансирани од Јемен, повредиле две лица и оштетиле неколку станбени објекти. Во неделата наутро во областа околу Ријад се огласија и сирени за предупредување, а Хутите повторно предупредија дека меѓународниот аеродром „Кинг Халид“ во Ријад го сметаат за „воена цел“.
Безбедносната ситуација се одрази и на другите големи настани во Саудиска Арабија. Како што пишува Нешнал, одложени се и тениската егзибиција „Сикс кингс слем“, Неделата на модата во Ријад и инвестицискиот форум ФИИ.
Останатите натпревари од колото засега се играат според распоредот. Ал Кадсија треба да го пречека Ал Сад во Дамам, а Ал Аин игра со иранскиот Трактор.
















