Ливерпул го пречекува Челзи во осминафиналето на Лига купот

Стадионот Енфилд во Ливерпул
Фото: Vojta.zurek / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ливерпул вечерва на „Енфилд“ го пречекува Челзи во најатрактивниот дуел од осминафиналето на англискиот Лига куп. Натпреварот почнува во 21 часот по македонско време, а победникот оди во четвртфиналето, каде што веќе го чека и сензационалниот Флитвуд Таун, кој го елиминираше Арсенал.

Дуелот носи и посебна приказна на клупите. Тренерот на Ливерпул, Андони Ираола, и тренерот на Челзи, Шаби Алонсо, се пријатели од детството од баскиската провинција Гипускоа, а заедно играа и за репрезентациите на Шпанија и Баскија. Алонсо, поранешен играч на Ливерпул, по третпат доаѓа на „Енфилд“ како тренер на противничкиот тим.

„Сите знаат дека сме блиски пријатели, пораснавме заедно и игравме во ист тим. Но сега тој е противник и сакаме да го победиме, исто како што и тој сака да нè победи нас. По натпреварот ќе разговараме“, изјави Ираола, пренесува официјалната страница на Ливерпул.

Ираола најави промени

Ливерпул во третото коло го совлада Тотенхем со 3-1, а во викендот со победата од 2-0 против Брајтон стигна до четврти последователен триумф во сите натпреварувања. Ираола најави дека „дефинитивно ќе има промени“ во составот. „Секој врвен тим кој игра на секои три дена мора да ротира“, додаде тренерот на Ливерпул.

Флоријан Вирц, кој го истегна глуждот против Брајтон, најверојатно ќе биде на располагање, додека за Виктор Муњоз и Доминик Собослаи тренерот е помалку оптимист. Џереми Фримпонг паузира поради мускулен проблем, а подолго време отсуствуваат Конор Бредли, Иго Екитике и Џовани Леони, наведува Ливерпул.

Челзи без Палмер и Жоао Педро

Челзи ќе игра без Кол Палмер, кој е суспендиран по првиот црвен картон во кариерата, добиен во поразот од Тотенхем со 0-2. Најдобриот стрелец на тимот, Жоао Педро, поради повреда на бутот ќе паузира неколку недели, потврди Алонсо, пренесува BBC.

„Ќе ни недостасува, но мора да бидеме подготвени да играме и да победуваме со играчите што ги имаме. Бараме решенија, а не изговори“, изјави Алонсо. Во составот за првпат е летното засилување Емануел Емега, кој се опоравува од проблем со задната ложа. „Можеби утре ќе ја добие својата шанса“, рече Алонсо.

Ираола потсети дека Челзи сезонава не игра во европските натпреварувања, па Купот има посебна важност за лондонскиот тим. По натпреварот следува ждрепката за четвртфиналето.