Халибартон надвор од теренот најмалку две недели поради повреда

Тајрис Халибартон
Фото: Chensiyuan / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Индијана Пејсерс уште на почетокот на сезоната остана без својот најдобар играч. Тајрис Халибартон има полесно истегнување на мускулот на задната ложа на левата нога и ќе отсуствува најмалку две недели.

„Не мислам дека е реално да игра пред тоа. Потоа ќе видиме понатаму“, изјави тренерот Рик Карлајл, пренесува ЕСПН. Состојбата на плејмејкерот ќе се проценува од недела во недела, а Пејсерс, пред да ја донесат одлуката, се консултирале и со специјалист за ваков тип повреди.

Халибартон ги одигра првите четири натпревари во сезоната, вклучително и два во два последователни дена, а по натпреварот во Милвоки во понеделникот призна дека се чувствува „малку истоштено“. Во средата не настапи во домашниот пораз од Филаделфија.

Враќање по 16 месеци пауза

Повредата дојде во најлош можен момент за 26-годишниот кошаркар. Тој претходно пропушти 16 месеци поради скината Ахилова тетива, повреда што ја доживеа во седмиот натпревар од финалето во 2025 година против Оклахома Сити, поради што ја пропушти целата мината сезона.

Во првите натпревари по враќањето бележеше просечно 21,8 поени, 9,5 асистенции и 4,5 скока, со 52 отсто успешност на шутот од игра. Проблеми со истата мускулатура имаше и во јануари 2024 година, кога пропушти десет од 11 натпревари, а повредата повторно го оддалечи од теренот во последните два натпревари од финалето на Истокот против Бостон.

Шенгун со проблеми со грбот

Без еден од своите лидери е и Хјустон. Алперен Шенгун го пропушти гостувањето кај Милвоки поради болки во долниот дел од грбот, а снимањето покажа полесно истегнување. Според Рокетс Вајр, тренерот Ајм Удока изјави дека грбот на турскиот центар се „стегнал“ по натпреварот против Атланта и дека се надева оти отсуството ќе биде краткотрајно, „најмногу неколку натпревари“.

Шенгун во првите четири натпревари бележеше просечно 24,5 поени, девет скока и седум асистенции. Во четвртокот неговиот статус е подобрен и состојбата ќе му се проценува од ден на ден, па е можно да се врати веќе во петок на гостувањето кај Далас.