Обвинителството во Брисел побара казна од две години затвор и парична казна за поранешниот белгиски репрезентативец Раџа Наинголан, кој се товари за соучесништво во перење пари поврзано со мрежа за трговија со кокаин преку пристаништето во Антверпен, објави Ла Либр.
Според обвинението, 38-годишниот фудбалер помогнал да се „испере“ сума од 105.500 евра, а обвинителството бара и парична казна во истиот износ. Наинголан не е обвинет за трговија со дрога.
Парите, според истрагата, потекнувале од Наср-Един Сеќаки, брат на Ашраф Сеќаки, кој се смета за една од клучните фигури во мрежата. Тие биле префрлени преку седум уплати на сметката на мајката на Сеќаки, со наведување фиктивен градежен проект.
Две различни објаснувања
Наинголан во текот на истрагата најпрвин изјавил дека станувало збор за заем „од пријателство“, а подоцна дека неговите сметки биле блокирани по разводот, пренесува РТБФ. Обвинителката не беше убедена. „Тој многу добро знаеше што прави“, рече таа во судницата, цитирана од ХЛН.
Ниту Наинголан ниту Сеќаки не беа присутни на рочиштето. Во предметот има вкупно 16 обвинети, а за останатите обвинителството побара затворски казни од 12 месеци до 14 години, парични казни до 800.000 евра и конфискација на имот во вкупна вредност од околу 15 милиони евра.
Одбраната на поранешниот играч на Рома, Интер и Каљари ќе ги изнесе своите аргументи на 13 ноември, кога ќе побара ослободителна пресуда.
Истрагата почна во март 2023 година, а во јануари 2025 година полицијата изврши 30 претреси и уапси 18 лица. Предметот беше упатен на суд во март оваа година, пишува Интелиџент.
















