Костески со десет гола за убедлива победа на Алкалоид над Прилеп

Никола Костески
Фото: Xplvl / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ракометарите на Алкалоид без проблеми стигнаа до нова победа во македонската Суперлига. Тимот на Кирил Лазаров во петокот вечерта на домашен терен го совлада Прилеп со 37-27, по водството од 18-14 на полувремето.

Прилеп поведе само на самиот почеток, со 1-0 по голот на Шипинковски, но домаќините брзо го презедоа водството и до крајот на првото полувреме стекнаа предност од четири гола.

Во второто полувреме Алкалоид дополнително го зголеми темпото, а разликата постојано растеше. Лазаров го ротираше составот, но тоа не се одрази на квалитетот на играта, па на крајот разликата изнесуваше десет гола.

Десет гола од единаесет шута

Најефикасен на натпреварот беше Никола Костески, кој постигна десет гола од единаесет обиди. Кај гостите од Прилеп најуспешен беше Маркоски со пет гола. Прилепчани и во претходниот првенствен натпревар доживеаја пораз од Вардар со 38-29.

Костески е еден од 18те ракометари што Лазаров, во улога на селектор, ги повика за првите два натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Македонија на 4 ноември во Скопје го пречекува Луксембург, а на 8 ноември гостува кај Грција.

Алкалоид претходно во првенството го совлада и Бутел со 29-24 на гостински терен. Скопскиот тим во ноември ќе игра и во третото коло од ЕХФ Европскиот куп, каде што противник ќе му биде словенечкиот Горење од Велење, а првиот натпревар ќе се одигра во Скопје.

Во центарот на вниманието во Суперлигата викендов е дербито меѓу Вардар и Пелистер, кое се игра во недела во 17:45 часот во спортскиот центар „Јане Сандански“.