УЕФА пред избор на противкандидат на Инфантино

Претседателот на ФИФА Џани Инфантино
Фото: United Nations Office on Drugs and Crime / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

УЕФА и нејзините сојузници се блиску до избор на кандидат кој ќе му се спротивстави на Џани Инфантино на изборите за претседател на ФИФА, а името би можело да биде усогласено уште следната недела, пишува Гардијан.

Времето истекува, бидејќи кандидатите мора да ја потврдат својата кандидатура до 18 ноември, а изборите се во март. Сепак, во европските кругови расте увереноста дека преговорите се ближат до успешен крај.

Разговорите со потенцијалните кандидати се интензивирани и покрај неуспесите, меѓу кои е и неочекуваниот пресврт на претседателот на Азиската фудбалска конфедерација, шеикот Салман бин Ибрахим ал Калифа, кој даде поддршка за четврти мандат на Инфантино.

Кога ќе се постигне договор, името ќе биде претставено пред Извршниот комитет на УЕФА и на онлајн средба со претседателите на националните федерации. Во УЕФА сакаат објавувањето да се одложи до што е можно поблиску до крајниот рок, за да се избегне кампања против кандидатот.

Венгер не е сериозна опција

Според Инсајд ворлд футбол, УЕФА чека да истече рокот до 2 ноември, кој ѝ го постави на ФИФА за да одговори на прашањата за откажаниот проект ФИФА Форвард Ентерпрајз и за начинот на управување, пред да го објави својот кандидат.

Арсен Венгер ужива добар углед во европските кругови, но Французинот, кој е шеф за глобален развој на фудбалот во ФИФА, не се смета за сериозен кандидат, бидејќи досега беше лојален поддржувач на Инфантино.

Шпанската Марка, повикувајќи се на Л’Екип, како можни кандидати ги наведува претседателот на Унгарската фудбалска федерација Шандор Чањи, романскиот претседател Разван Бурлеану и поранешниот претседател на Португалската федерација Фернандо Гомеш.

Противкандидатот ќе има тешка задача, бидејќи Инфантино, покрај поддршката од Азија, ја има и поддршката од Африканската конфедерација и Конмебол.