Македонскиот шампион Штип УГД по првото учество во квалификациите за Лигата на шампионите ја продолжува европската сезона во ЦЕВ купот. Одбојкарите од Штип се слободни во првото коло и директно се пласираа во главната рунда, каде што ги очекува силниот италијански тим Пјаченца.
Првиот натпревар од двомечот ќе се игра на 9 декември од 19 часот во СРЦ „Џексон“ во Штип.
Реваншот е закажан за 6 јануари 2027 година, од 18 часот, во салата „Палабанка спорт“ во Пјаченца.
Тоа значи дека македонскиот шампион втора година по ред ќе игра на Бадник. Лани Штип УГД го имаше истиот распоред во ЦЕВ Челинџ купот, кога играше против Алијанц Милано.
Пјаченца е еден од познатите клубови во италијанската Суперлига, која важи за едно од најсилните одбојкарски првенства во Европа, па штипјани ги очекува еден од најтешките противници досега.
Штип УГД на 29 октомври го заврши настапот во квалификациите за Лигата на шампионите. Во реваншот во салата „Партизан“ македонскиот шампион загуби од холандскиот Орион Старс со 2-3 во сетови, иако по три сета водеше со 2-1. Холанѓаните претходно во Доетинхем славеа со 3-0.
На тој натпревар најефикасен кај штипјани беше Александар Љафтов со 17 поени, а Стојан Илиев додаде 15. Според новите правила, Орион мораше да го добие и вториот меч за да се пласира понатаму, што и го направи.
Сега Штип УГД ќе има шанса да се докаже против италијански противник во второто по сила европско клупско натпреварување. Штипјани оваа есен веќе го освоија и Суперкупот „Чајка“ во Тетово, па во двомечот со Пјаченца влегуваат со трофеј освоен на почетокот на сезоната.
















