Вест Хем во вторник наутро го отпушти тренерот Нуно Еспирито Санто, откако екипата падна на осмото место во Чемпионшип по 13 кола. „Чеканџиите“ заостануваат шест бода зад лидерот Мидлсбро и четири бода зад позициите што носат директен пласман во Премиер лигата.
Одлуката дојде по два последователни домашни порази, со 3-2 од Саутемптон и со 3-1 од Вест Бромич во саботата. Тимот од Лондон забележа шест победи на 13 првенствени натпревари, што е далеку од очекувањата на клубот чија цел е веднаш да се врати во елитата, пренесува Скај спортс.
Заедно со 52-годишниот Португалец, клубот го напуштија и неговиот помошник Руи Педро Силва и тренерот на голманите Руи Барбоса. Вест Хем во соопштението му се заблагодари на Нуно за вложениот труд и му посака успех во понатамошната кариера.
Нуно ја презеде екипата во септември 2025 година, по отказот на Грејам Потер, но не успеа да го спречи испаѓањето од Премиер лигата минатиот мај. Португалецот претходно ги водеше Вулверхемптон, Тотенхем и Нотингем Форест.
Главен кандидат за негов наследник е Скот Паркер, со кого, според Би-Би-Си, се водат напредни разговори, а дел од британските медиуми тврдат дека договорот е веќе постигнат. Паркер одигра 129 натпревари за Вест Хем меѓу 2007 и 2011 година и важи за еден од омилените поранешни играчи меѓу навивачите.
Како тренер, Паркер има искуство со обезбедување пласман во Премиер лигата, што му успеа со Фулам, Борнмут и Барнли.
До доаѓањето на новиот тренер, екипата привремено ќе ја водат Марк Нобл, Стив Потс и Џерард Прендервил. Вест Хем во среда гостува кај Кардиф Сити, а не е исклучено Паркер веќе да биде на клупата.
Ова е четврта потрага по постојан тренер по заминувањето на Дејвид Мојс. Јулен Лопетеги беше отпуштен по шест месеци, а Потер по осум месеци, пишува Гардијан.
















