Фејенорд, по убедливиот пораз од Интер со 0-3 во Лигата на шампионите, може да добие и нова казна од УЕФА. Натпреварот во вторникот навечер беше накратко прекинат во второто полувреме, откако на теренот и на покривот на стадионот Де Кајп паднаа светлечки ракети, пренесува Сокер Њуз.
Пиротехниката била испукана однадвор, а една од ракетите прогорела дупка во покривот на Де Кајп. Инцидентот се случи околу 20 минути пред крајот на натпреварот, а судијата накратко ја прекина играта. Полицијата во Ротердам приведе две лица осомничени за испукување на ракетите.
„Тоа секако не смее да се случува и најверојатно повторно ќе има казна. Мило ми е што пиротехниката не беше палена во стадионот и што ништо не падна меѓу публиката. Сега беше испукана однадвор. Што можеш да направиш против тоа?“, изјави тренерот на Фејенорд, Џовани ван Бронкхорст.
Условна казна виси над клубот
Проблемот за Фејенорд е што клубот веќе има условна казна од УЕФА поради нередите на натпреварот во Лига Европа против Панатинаикос минатата сезона. Клубот ги предупреди навивачите дека нови инциденти на натпреварите во Лигата на шампионите може да доведат до затворање на трибината „Херард Мејер“ за еден или повеќе домашни натпревари во европските натпреварувања, пишува Еф-Ер 12.
Од клубот појаснија и дека навивачите со билети за таа трибина нема да добијат поврат на парите во случај на нејзино затворање. Фејенорд оваа сезона веќе беше казнет и поради инцидентите со навивачите на гостувањето кај Барселона.
Холандските медиуми оценуваат дека фактот што ракетите биле испукани однадвор можеби ќе ја ублажи евентуалната казна, но конечната одлука ќе ја донесе дисциплинскиот орган на УЕФА.
Интер без проблеми во Ротердам
На теренот Интер беше многу поефикасен. Италијанскиот тим поведе уште во првите минути, а потоа погодија и Франческо Пио Еспозито и Пјотр Зиелињски. На Еспозито му беше поништен и уште еден гол поради офсајд.
Тимот на Ван Бронкхорст во лигашката фаза досега го има совладано само Комо, а пред зимската пауза го очекуваат уште дуелите со Порто и Викинг. Во холандското првенство Фејенорд е на првото место.
















