Натпреварот меѓу младинските екипи на Уберландија и Маморе во бразилската држава Минас Жераис влезе во историјата поради скандал. Судијата Фернандо Патрик по масовна тепачка исклучи дури 51 лице, пренесува Глобо Еспорте.
Дуелот од втората дивизија на првенството на Минас Жераис за играчи до 20 години се играше на стадионот „Парк до Сабиа“ во Уберландија. Маморе славеше со 3-1, а тепачката избувна во судиското продолжение на второто полувреме, веднаш по третиот гол на гостите.
Според извештајот на судијата, при прославата на голот еден фудбалер на Маморе упатувал провокативни гестови и навреди кон клупата на Уберландија, по што избувнала масовна тепачка.
Од вкупно 51 исклучено лице, 48 добија црвен картон поради учество во тепачката, а тројца беа исклучени претходно, во други ситуации. Казнети се 22 лица од Уберландија и 29 од Маморе.
Бидејќи поради метежот не можел да ги исклучи додека играта трае, судијата го прекина натпреварот, а сите картони ги запиша во записникот.
Според Гинисовата книга на рекорди, досегашниот рекорд беше 36 исклучени фудбалери на натпревар од петтата аргентинска лига меѓу Атлетико Клејпол и Викторијано Аренас, одигран во февруари 2011 година.
Закани кон судијата
Судијата во записникот наведе и дека раководители на Уберландија во осмата минута од второто полувреме влегле на теренот и им се заканувале на судиите. Против еден од нив, менаџерот Вилер Силва, поднел пријава во полиција поради навреди и закани, пишува УОЛ.
Од Уберландија, пак, тврдат дека соблекувалната во која бил сместен Маморе била оштетена од самите гости, за што исто така требало да биде поднесена пријава.
















