Ѓоко Хаџиевски е фаворит за тренер на Локомотив Софија

Ѓоко Хаџиевски
Фото: Biso / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Македонскиот тренер Ѓоко Хаџиевски е главен фаворит да ја преземе клупата на Локомотив Софија, пишуваат бугарските медиуми. Според Спортал, се очекува 71-годишниот стручњак во вторник да пристигне на стадионот во Надежда на финални преговори, по кои, доколку биде постигнат договор, треба да потпише и да биде официјално претставен.

Локомотив Софија остана без тренер по разделбата со Љубослав Пенев на 30 октомври. Екипата потоа привремено ја водеше директорот на младинската школа Александар Георгиев, а во последното коло загуби од Септември Софија со 0-1.

Клубот води преговори со Хаџиевски, но засега нема официјална потврда за договор меѓу двете страни, пренесува БНТ, повикувајќи се на агенцијата БГНЕС.

„Работиме на прашањето, но сè уште немаме конечна одлука“, изјави сопственикот на клубот Веселин Стојанов на 2 ноември. Меѓу опциите бил и Душан Косиќ, тренерот на Локомотив Пловдив, но клубовите не се договориле за условите. Се споменуваа и Јавор Валчинов, Георги Донков, Александар Томаш и Павел Дочев.

Хаџиевски последно го водеше Спартак Варна, кој го напушти набргу по почетокот на сезоната. Тогаш неговото заминување се поврзуваше со понуда од Дубаи, но тој потоа остана без клуб. Минатата сезона му помогна на Спартак да го задржи местото во елитата, пишува Факти.

Македонскиот стручњак е добро познат во Бугарија. Во летото 1993 година го презеде ЦСКА Софија и на клупата остана до април 1994 година, а во сезоната 2006/07 го водеше Вихрен Сандански. Ако преговорите успеат, ова ќе биде негов трет ангажман во бугарскиот фудбал.