Швајцарскиот тенисер Риди проговори за обидот за самоубиство

Леандро Риди
Фото: Hameltion / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Швајцарскиот тенисер Леандро Риди во објава на социјалните мрежи откри дека на 21 јуни 2024 година се обидел да си го одземе животот. 24-годишниот тенисер рече дека јавно зборува за тоа за да укаже на важноста на менталното здравје, пренесува Ес-ер-еф.

„Тој ден мојот живот засекогаш се промени. Стигнав до точка кога се обидов да си го одземам животот. Не сакам да навлегувам во причините ниту во деталите, но сакам да зборувам за тоа, бидејќи менталното здравје заслужува многу повеќе внимание“, напиша Риди.

Тој опиша дека долго се борел со анксиозност, напади на паника и ментална битка што повеќето луѓе околу него не можеле да ја видат. Со најдобрата стручна помош, поддршката од најблиските и многу работа на себе, полека го нашол патот назад.

„Денес сум неверојатно горд што можам да кажам дека тие мисли се далеку зад мене. Навистина сум среќен, благодарен за својот живот и возбуден за она што доаѓа. Ова искуство ми го промени погледот на сè. Научив дека победите и успехот не значат многу ако не си во мир со себе. Моето здравје, мојата среќа и мојот живот секогаш се на прво место“, порача тој.

Риди во текот на кариерата често беше спречуван од повреди. Не игра од јуни поради повреда на левиот зглоб, поради која летово беше опериран, а на светската ранг-листа се наоѓа на 245тото место, наведува Ер-те-ес.

„Имаше многу операции, повреди и неуспеси. Секогаш има предизвици, и физички и ментални. Но денес знам колку е важно да се грижам за себе и да побарам помош кога ми е потребна“, напиша Риди, кој објавата ја заврши со зборовите: „Не си сам.“

Помалку од две недели по тој ден, Риди настапи во квалификациите на Вимблдон, каде што оствари две победи и загуби во последното коло. Тогаш беше 134ти на светската ранг-листа, а во 2025 година, како квалификант, стигна до осминафиналето на Отвореното првенство на САД, пишува Убитенис.

Ако вие или некој ваш близок се соочувате со слични мисли, не двоумете се да побарате помош од стручно лице, од семејниот лекар или од службите за итна помош.