Естебан Окон за првпат се огласи откако Хас предвреме ја прекина соработката со него. Францускиот возач на социјалните мрежи им се заблагодари на навивачите и на колегите за поддршката, пренесува Планет Ф1.
„Здраво на сите. Сакам од срце да ви се заблагодарам за сите пораки. Вашата поддршка многу ми значи. Искрено сум благодарен и на навивачите, колегите и поранешните колеги што одвоија време да ми се јават. Мојата љубов кон овој спорт е силна како и секогаш и благодарен сум што таа страст ја делам со толку многу од вас. Ви благодарам за добрината и охрабрувањето“, напиша Окон.
Французинот уште пред Големата награда на Мексико знаеше дека во 2027 година нема да вози за Хас, бидејќи на неговото место беше потврден Бразилецот Рафаел Камара, водечкиот возач во Формула 2. По напнатата расправија со тркачката инженерка Лаура Милер на вториот слободен тренинг во Мексико, Окон беше отстранет од болидот до крајот на викендот.
Наместо него, трката ја возеше резервниот возач Рјо Хиракава, кој заврши на десеттото место и освои бод. Окон ги демантираше гласините дека инцидентот во тимот бил физички, а Хас и шефот на тимот Ајао Комацу не дадоа повеќе детали, наведува Моторспорт вик.
Камара предвреме дебитираше на домашната трка во Сао Паоло, каде што стартуваше од 11тата позиција, но на влажната патека заврши како 20ти. Тој е потврден и за Лас Вегас на 21 ноември, а потоа се враќа во Формула 2, каде што се бори за титулата, пишува Глобо.
Окон оваа сезона освои седум бода, а најдобар резултат му е осмото место во Азербејџан. Доколку ова е крајот на неговата кариера во Формула 1, тој заминува со 199 пријави за трки, од кои 198 старта, една победа, четири подиуми и еден најбрз круг.
Својата единствена победа ја оствари на Големата награда на Унгарија во 2021 година со Алпин. Окон повеќепати повтори дека сака да вози само во Формула 1, а според британските медиуми, единствена реална опција му е местото во Кадилак, доколку тимот се раздели со Валтери Ботас.
















