Фудбалер на Сент Дени од Реинион почина на тренинг на 22 години

Сент Дени на островот Реинион
Фото: B.navez / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Фудбалерот на Сент Дени од францускиот прекуморски департман Реинион, Ванис Хонсор, почина во средата наутро за време на тренинг на својот клуб. Тој имаше 22 години, а следната недела требаше да наполни 23, пренесува Ле Котидјен де ла Реинион.

Трагедијата се случи на теренот „Јамајка“ во Сент Дени, каде што првиот тим се подготвуваше за натпреварот против Сен Пјероаз претстојниот викенд. Според Линфо, тренингот почнал околу 8:30 часот, а на теренот имало 23 фудбалери кога Хонсор почувствувал силна болка во градите и паднал.

Повеќе од половина час соиграчите, а потоа и екипите на итната помош, се обидувале да го реанимираат, но без успех. Тој починал од срцев застој. Според истиот извор, засега не е отворена истрага, а натпреварот со Сен Пјероаз најверојатно ќе биде одложен.

„Вчера на тренинг беше во одлична форма. Утрово, на новиот тренинг, почна да се чувствува чудно. Се фати за оградата и падна во грчеви. Кога стигнав на теренот, веќе беше починат. Ужасно е, немам зборови“, изјави претседателот на клубот, Џонатан Алпу. „Беше добро момче. Мислам на неговите родители и на сопругата“, додаде тој.

Хонсор неодамна се оженил во континентална Франција. За Сент Дени играше од јануари, на позицијата лев бек, а претходно настапуваше за Руан, Диеп и Флер, наведува Реинион Ла Прем. Поранешните клубови му оддадоа почит уште во средата.

„Пред ваква трагедија, зборовите се недоволни за да ја изразат болката, емоцијата и потресеноста на целото фудбалско семејство на Реинион“, се вели во соопштението на Фудбалската лига на Реинион, која ќе помогне во постапката за пренос на телото во континентална Франција, како што побарало семејството.

Клубот и градот Сент Дени ќе организираат психолошка поддршка за играчите и за сите што биле присутни на тренингот. „Теренот, кој треба да биде место на радост и страст, стана место на огромна болка“, изјави градоначалничката на Сент Дени, Ерика Барејц.