Надал бара двегодишно рангирање и ги критикува мастерсите

Рафаел Надал
Фото: Nicolas Richoffer / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Рафаел Надал повторно побара големи промени во тенисот. Поранешниот прв тенисер на светот во интервју за агенцијата Асошиејтед прес предложи рангирањето да се пресметува според резултатите од последните две години, наместо од последните 52 недели, пренесува Тенис365.

Според Шпанецот, таквата промена би им дала на тенисерите „малку повеќе слобода да носат подобри одлуки, а во исто време, кога ќе се повредиш, имаш повеќе време да се опоравиш“.

Надал оцени и дека е грешка одлуката на АТП да продолжи седум од деветте турнири од серијата мастерс 1000 на 12 дена, со што календарот стана подолг, а можностите за подолг одмор се намалија.

Освојувачот на 22 гренд слем титули се осврна и на бројот на турнири што се играат на тврда подлога. „Тешко ми беше да се борам за тоа додека играв. Но сега можам да кажам: не гледам многу професионални спортови што се играат на ваков тип подлоги. Тоа е вистината. Во тенисот најчесто играме на подлога која е, да речеме, многу агресивна за телото и за зглобовите. А потоа ја плаќаме цената“, изјави Надал.

Ова не е првпат Надал да се залага за двегодишно рангирање. Уште во 2017 година изјави дека тоа ќе ги заштити играчите и ќе им помогне да најдат периоди за одмор, бидејќи со едногодишно рангирање не можеш многу да одмораш ако сакаш да бидеш на добра позиција, потсетува Тенис ап ту дејт.

Според сегашниот систем, бодовите освоени на еден турнир се губат кога ќе се одигра истиот турнир следната сезона, што создава дополнителен притисок врз играчите брзо да се вратат по повреда.

Кариерата на Надал често беше прекинувана поради проблеми со коленото, стомачните мускули и хроничната повреда на стапалото. Тој ја заврши кариерата во ноември 2024 година, откако помина 209 недели на првото место на светската ранг-листа.