Кејд Канингем одигра натпревар каков што досега немало во историјата на НБА. Бекот на Детроит постигна 52 поени и имаше 11 асистенции без ниту една изгубена топка, а Пистонс по две продолженија славеа на гостувањето кај Вашингтон со 144-140, објави официјалниот сајт на НБА.
Канингем е првиот играч во историјата на лигата со најмалку 50 поени и 10 асистенции на еден натпревар без изгубена топка. Тој е и првиот кошаркар на Детроит со учинок од над 50 поени и над 10 асистенции. Неговиот претходен личен рекорд беше 46 поени, исто така против Вашингтон, пред нешто повеќе од една година.
По три четвртини тој имаше „само“ 22 поени, а потоа во последната четвртина постигна 18. Тоа, сепак, не беше доволно за победа во регуларниот дел, бидејќи Треј Јанг со тројка во последната секунда го изедначи резултатот на 121-121, пренесува Ај-Ес-Пи-Ен.
Визардс ги постигнаа првите седум поени во продолжението, но Канингем со погодок од игра, две слободни фрлања и тројка изедначи на 130-130. Данкан Робинсон му донесе водство на Детроит, но Еј-Џеј Дибанса, првиот избор на овогодинешниот драфт, изедначи на помалку од една секунда пред крајот и го одведе натпреварот во второ продолжение.
Во второто продолжение Канингем погоди тројка за 135-132, по што Ентони Дејвис го доби шестиот личен прекршок и мораше да го напушти теренот. Бекот на Пистонс заврши со 16 погодени од 25 шута од игра и 17 од 18 слободни фрлања, а постигна 30 поени во четвртата четвртина и двете продолженија, најмногу за еден играч на Детроит откако се води детална статистика.
„Ова е најдоброто што сум го направил во мојата кариера во НБА, сигурно“, изјави Канингем, а неговиот соиграч Озар Томпсон, кој со 17 поени, 11 скокови и 11 асистенции го забележа првиот трипл-дабл во кариерата, додаде: „Тој нѐ водеше низ четвртата четвртина и продолженијата. Еден човек не може да го чува“.
Со 52 поени Канингем го изедначи четвртиот најдобар поединечен учинок во историјата на Детроит. Повеќе имаат само Џери Стекхаус (57), Кели Трипука (56) и Дејв Бинг (54), а Џорџ Јардли исто така имал 52 поени во 1958 година. Според Еј-Пи, ова е и прв натпревар во кој по три играчи на Вашингтон постигнале најмалку 30 поени уште од 1969 година.
Кај домаќините Јанг заврши со 37 поени и 14 асистенции, Дејвис имаше 30 поени и 15 скокови, а Алекс Сар 30 поени и девет скокови. Канингем стана петти играч од сезоната 1977/78 со најмалку 50 поени во дабл-дабл учинок без изгубена топка, по Мајкл Џордан, Мозес Малоун, Кармело Ентони и Јанис Адетокунбо, а Пистонс во сабота гостуваат кај Мајами.
















