Вардар го продолжи договорот со голманот Валах до 2028 година

Ракометна репрезентација на Полска
Фото: Steindy / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Ракометниот шампион Вардар ја продолжи соработката со полскиот репрезентативен голман Милош Валах, кој потпиша нов договор и ќе остане во клубот најмалку до 2028 година. Клубот ја објави веста во петокот, во пресрет на денешното дерби со Алкалоид во 10тото коло од Суперлигата.

„На заедничко задоволство, нашиот голман Милош Валах потпиша нов договор и тој ќе биде наш член најмалку до 2028 година. Валах дојде од екипата на Кјелце и веќе две години бележи одлични настапи, со што се наметна како прв голман во екипата и репрезентативец на својата земја. Продолжуваме да го градиме тимот, кон нови успеси“, соопштија од Вардар.

Полскиот голман пристигна во Скопје од Кјелце, клубот во кој помина повеќе од една деценија. Според ТВП спорт, тој во Кјелце дошол како млад играч од Јувенија Жешув, а во 2017 година, со само 15 години, дебитирал во полското првенство и станал најмладиот играч што некогаш настапил за клубот во лигата.

Валах потоа две сезони беше позајмен во Вибжеже Гдањск, каде што доби можност редовно да игра и го заслужи првиот повик во репрезентацијата на Полска, со која настапи на Европското првенство во 2022 година. По враќањето во Кјелце беше дел од голманскиот тандем, пред да се пресели во Вардар.

Во редовите на македонскиот шампион брзо се наметна како едно од најсигурните решенија меѓу стативите. Минатата сезона во Европската лига забележа 124 одбрани со успешност од 33 отсто, а оваа сезона во Лигата на шампионите има 53 одбрани, исто така со 33 отсто успешност.

Неговото неодамнешно отсуство поради повреда силно се почувствува во играта на Вардар, а со неговото враќање меѓу стативите екипата повторно ја доби потребната сигурност во одбраната.

Валах е вториот играч со кој Вардар деновиве ја продолжи соработката. Пред неколку дена договор до 2028 година потпиша и пивотот Виктор Јанковски, а клубот најави дека ќе продолжи да го гради тимот за наредните сезони.