Јанис со 34 поени за четврта победа во низа на Мајами

Јанис Адетокумбо
Фото: Erik Drost / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Јанис Адетокумбо со 34 поени, 14 скока и осум асистенции го предводеше Мајами до убедлива победа над Детроит со 137-117. Хит во ноќта кон недела ја забележаа четвртата победа по ред и седмата во последните девет натпревари, пренесува Сан сентинел.

Со оваа победа Мајами првпат сезонава има позитивен биланс од 7-6, откако во ерата со Јанис ја почна сезоната со четири порази. Грчкиот кошаркар имаше и три блокади, а погоди 13 од 17 шута од игра. Уште на полувремето имаше 19 поени, со осум погодоци од девет обиди.

Клеј Томпсон, кој го пропушти натпреварот во петокот поради болки во глуждот, постигна 26 поени, со шест погодени тројки од 11 обиди. Бем Адебајо додаде 20 поени, а Дејвион Мичел 15 поени и девет асистенции. Хит вкупно имаа 14 блокади, пишува Асошиејтед прес.

Детроит по првата четвртина водеше со 39-37, но Мајами на одмор замина со предност од 68-60, а пред последната четвртина ја зголеми разликата на 103-86. Пистонс во четвртата четвртина ја намалија разликата на девет поени, но Хит повторно ја зголемија на 19 по враќањето на Јанис на теренот.

Најдобар кај Детроит беше Кејд Канингем со 33 поени, а ниту еден друг кошаркар од стартната петорка не постигна повеќе од десет поени. Пистонс играа без Џејлен Дурен, а уште во првото полувреме поради повреда останаа и без Данкан Робинсон.

Во ротацијата на Ерик Сполстра, по пауза од четири натпревари, минутажа доби и српскиот крилен центар Никола Јовиќ. Мајами во понеделник го пречекува Хјустон, а во среда Јанис првпат ќе игра против својот поранешен клуб Милвоки.

Во другите натпревари Денвер го победи Њу Орлеанс со 116-108, а Никола Јокиќ имаше 26 поени, осум скока и десет асистенции. Кливленд го совлада Далас со 127-117, при што Тајриз Проктор забележа трипл-дабл со 24 поени, 11 скока и десет асистенции, а Кајри Ирвинг постигна 34 поени за Далас, покажува статистиката на Ленд оф баскетбол.

Мемфис го совлада Бруклин со 129-110, а Чикаго ја победи Минесота со 117-106.