Почина Питер Стори, освојувач на дуплата круна со Арсенал во 1971

Питер Стори на натпревар против Ајакс во 1970 година
Фото: Анефо / Национален архив на Холандија (CC0)

Поранешниот фудбалер на Арсенал и репрезентативец на Англија, Питер Стори, почина на 81-годишна возраст, објави Арсенал. Стори беше еден од клучните играчи во генерацијата која во сезоната 1970/71 ги освои титулата во Англија и ФА купот.

„Сите во Арсенал се длабоко потресени од заминувањето на освојувачот на дуплата круна од 1970/71, Питер Стори. Нашите мисли се со неговото семејство и најблиските во овој исклучително тажен момент“, се наведува во соопштението на лондонскиот клуб.

https://x.com/Arsenal/status/2122717029992181978

Стори почина во болница по кратко боледување, опкружен со семејството, пренесува Гардијан. Роден е во грофовијата Сари, а во Арсенал пристигна како млад играч во 1961 година и дебитираше за првиот тим во октомври 1965 година против Лестер.

Започна како десен бек, но тренерите Берти Ми и Дон Хау го преместија во средниот ред, каде што му помогна на Арсенал да го освои Купот на саемските градови во 1970 година и дуплата круна една година подоцна. Со 501 натпревар е осми на листата на играчи со најмногу настапи за клубот, а постигна 17 гола.

Важеше за еден од најтврдите играчи на своето време, а легендата на Лидс, Џони Џајлс, изјавил дека Стори бил најтешкиот противник против кого играл. Сепак, клубот потсетува дека бил и добар со топката.

Неговиот најпознат момент се случи во март 1971 година, во полуфиналето на ФА купот против Стоук на „Хилсборо“. Стори прво го намали заостатокот од два гола, а потоа во надополнителното време изведе пенал и го совлада легендарниот Гордон Бенкс, со што обезбеди повторен натпревар, кој Арсенал го доби, а потоа го освои и трофејот.

За Англија одигра 19 натпревари меѓу 1971 и 1973 година. Со Арсенал беше и финалист во Лига купот во 1968 и 1969 година и во ФА купот во 1972 година, наведува Би-би-си. Во 1977 година премина во Фулам, каде што ја заврши кариерата во 1978 година.

Арсенал соопшти дека ќе му оддаде почит на следниот домашен натпревар против Борусија Дортмунд.