Австралиецот Џаи Опетаја се повлече од мечот со Деонтеј Вајлдер, закажан за 11 декември на стадионот Принсипалити во Кардиф, во рамките на вечерта чиј главен настан е дуелот меѓу Тајсон Фјури и Ентони Џошуа, објави Би-би-си.
Непоразениот шампион во крузер категоријата требаше за првпат да настапи во тешка категорија. Опетаја не наведе причина за откажувањето, но според британскиот сервис, тој повторно ја повредил раката на тренинг.
„Им се извинувам на сите, а особено на Вајлдер и неговиот тим поради повлекувањето од мечот. Од боксер до боксер, го знам тоа чувство и фрустрирачко е. Секогаш сум се гордеел што се борам со секого и насекаде“, напиша Опетаја на Инстаграм.
Австралиецот ги критикуваше и „воините на тастатура“, кои тврдеа дека се исплашил од силниот десен удар на Американецот. Тој повтори дека целта му е да стане апсолутен шампион во крузер категоријата, а интерес за меч со него во 2027 година веќе покажа унифицираниот шампион Дејвид Бенавидез.
Опетаја има 31 година и победи во сите 31 професионални борби. Поранешниот светски шампион Вајлдер има 41 година и 45 победи во 50 борби.
Засега не е јасно дали Вајлдер ќе остане на програмата во Кардиф, но повеќе британски боксери веќе изразија желба да го заменат Опетаја, пишува Скај спортс. Дерек Чисора понуди реванш, откако во април во Лондон загуби со поделена одлука на судиите.
Подготвеност за борба со Американецот покажаа и Ричард Риакпорхе, олимпискиот бронзен медалист Фрејзер Кларк и Џони Фишер, а организаторите бараат замена, наведува Ринг.
Главниот меч меѓу Фјури и Џошуа, според информациите, ќе биде за „супер“ појасот на ВБА во тешка категорија. Влегувањето на боксерите во рингот се очекува најрано во 02 часот по македонско време на 12 декември.















