Хонда официјално потврди дека Жоан Мир ќе ја пропушти и Големата награда на Португалија во МотоГП, а на негово место во фабричкиот тим повторно ќе вози Британецот Џејк Диксон, пренесува МотоГП.
Шпанецот повторно почувствувал симптоми за време на трката во Малезија, по што ја пропушти и трката во Катар. Според Хонда, Мир и неговиот медицински тим продолжиле со серија дополнителни тестови и рехабилитација, а по совет на лекарите тој ќе ја прескокне Португалија со цел да се врати во Валенсија.
Мир е надвор од трките уште од Големата награда на Австрија во септември, кога пријави силен замор и вртоглавица, наведува Моторспорт. Шампионот од 2020 година се надева дека во Валенсија, од 27 до 29 ноември, ќе ја вози последната трка за Хонда, пред да премине во Грезини, каде што следната сезона ќе вози заедно со Дани Олгадо.
Диксон, кој редовно вози за Хонда во Светското првенство во супербајк, го замени Мир и во Катар, каде што во главната трка заврши на 14то место и ги освои првите бодови во елитната класа. Настапот во Портимао ќе му биде дури четврти во МотоГП, по двата настапа во 2021 година со тимот Петронас.
„Голема чест ми е што Хонда повторно ми ја дава оваа можност и, исто како во Катар, сакам максимално да ја искористам. Сега подобро го разбирам мотоциклот, па можеме да продолжиме таму каде што застанавме. Портимао е патека што добро ја познавам, но на овој мотор ќе треба да ги прилагодам сите референтни точки и линии“, изјави Диксон.
Негов тимски колега ќе биде Лука Марини, кој се враќа по повлекувањето од трката во Катар. Италијанецот е 13ти во генералниот пласман, само еден бод зад Бред Биндер.
Во Портимао ќе вози уште еден заменски возач, Икер Лекуона, кој во фабричкиот тим на Дукати го заменува повредениот Франческо Бањаја.
















