Кадилак официјално потврди дека Валтери Ботас ќе вози за американскиот тим и во сезоната 2027 во Формула 1. Тимот ја активираше опцијата во повеќегодишниот договор со Финецот, кој и следната година ќе биде тимски колега на Серхио Перез.
Со оваа одлука згаснаа надежите на Американецот Колтон Херта, резервниот возач на тимот, дека ќе дебитира во Формула 1 уште следната сезона. Од Кадилак соопштија дека се одлучиле за „континуитет и стабилност“, пишува Формула 1.
„На оние кои ги засега, останувам! Возбуден сум што го продолжувам ова патување со Кадилак и во 2027 година. Знаевме дека градењето нов тим во Формула 1 од почеток нема да биде лесно, но токму тоа го прави овој предизвик толку посебен. Гладен сум за повеќе и верувам во она што го градиме заедно“, изјави Ботас.
Извршниот директор Ден Таурис додаде дека искуството, перспективата и посветеноста на Ботас се важни предности за тимот и дека континуитетот обезбедува цврста основа за натамошниот развој.
Триесет и седумгодишниот Финец има тешка сезона. Тој не успеа да заврши девет трки, а повеќе откажувања има само Ленс Строл од Астон Мартин, со 13. Кадилак во дебитантската сезона сè уште нема освоено ниту еден бод, пренесува Би-би-си.
Ботас во кариерата има десет победи и 265 трки во Формула 1, а токму тоа искуство, според Моторспорт, пресудило во негова корист наместо да биде промовиран Херта.
„Не бев изненаден, но убаво е да бидам потврден, бидејќи секогаш сум потпишувал на долг рок, а не за една година. Имаше премногу шум во последните недели. Сега можам да се фокусирам на работата“, рече Ботас во четвртокот во Лас Вегас, пренесе Формула 1.
Кадилак дополнително ќе ги објави имињата на резервните и тест-возачите. Возачката постава за 2027 година е речиси комплетна, а слободно е уште само едно место во Хас, кое треба да му припадне на Оливер Берман штом завршат преговорите.
















