Харден со 51 поен го престигна Коби по мечеви од 50 поени

Џејмс Харден постигна 51 поен во победата на Кливленд над Индијана со 128-119 во групната фаза на Купот на НБА и со 26тиот натпревар со најмалку 50 поени во кариерата го престигна Коби Брајант. Пред него на оваа листа се само Вилт Чембрлен со 118 и Мајкл Џордан со 31 таков натпревар, наведува ЕСПН.

Американскиот бек одигра 40 минути, што е негова најголема минутажа оваа сезона, и погоди 15 од 26 шута од игра, од кои седум од 11 за три поени. Од линијата за слободни фрлања беше непогрешлив, со 14 од 14, а забележа и по шест скока и асистенции.

Харден уште во првата четвртина постигна 15 поени, на полувремето имаше 24, а по три четвртини стигна до 42 поени, додека Кливленд водеше со 103-82. Индијана во финишот ја намали разликата на шест поени на две минути пред крајот, но Харден со тројка на 57,9 секунди до крајот го зголеми водството на 124-113, а потоа со две слободни фрлања ја надмина границата од 50 поени.

Ова е негов прв натпревар со повеќе од 50 поени по оние 55 за Клиперс на 22 ноември 2025 година и најдобар учинок откако во февруари премина во Кливленд. Со 37 години и 86 дена, Харден е четвртиот најстар играч во историјата на НБА што постигнал 50 поени на еден натпревар.

„Ова е поинаква улога за мене. Не сум секогаш главната опција во нападот, ние имаме друг играч за тоа. Мојата задача е да постигнувам кога треба и да ја делам топката. Но, кога ќе ме повикаат, треба да излезам и да шутирам. Знаев дека сè уште можам“, изјави Харден.

„Вакви вечери се многу посебни. Публиката го ценеше овој настап. Не сме десет победи над половината и не е сè совршено, па ова беше настап во клучен момент. Ни требаше вечерва“, рече тренерот Кени Аткинсон. Кливленд славеше на три од последните четири натпревари и има учинок 9-8.

Харден е шестиот кошаркар во историјата на Кливленд што постигнал 50 поени на еден натпревар, а прв по Донован Мичел, кој на 2 јануари 2023 година постигна 71 поен против Чикаго.

Во другите натпревари од Купот на НБА, според НБА, Торонто со победата од 105-102 на гостувањето кај Детроит ја прекина серијата од шест порази, а Скоти Барнс постигна 29 поени. Шаи Гилџес-Александер со 40 поени ја предводеше Оклахома до победа од 126-120 против Њу Орлеанс, а Франц Вагнер со 35 поени и кош на 2,4 секунди пред крајот му донесе на Орландо победа од 113-111 во Бруклин.