Дербито на Севиља заврши без победник. Севиља и Реал Бетис одиграа 1-1 на „Рамон Санчес Пизхуан“, а домаќините го спасија бодот во надополнетото време со погодокот на Кике Салас, пренесува беИН Спортс.
Севиља доминираше во првото полувреме. Лукас Стасен имаше две добри прилики, а голманот на Бетис, Алваро Ваљес, пред одморот го одбрани и ударот на Рубен Варгас од работ на казнениот простор.
Сепак, гостите поведоа пет минути по почетокот на второто полувреме. Антони доби премногу простор, а неговиот удар со левата нога се одби од еден од домашните играчи и го измами голманот Одисеас Влаходимос.
Антони потоа имаше можност да го зголеми водството по центаршутот на Абде Езалзули, но Влаходимос одбрани од непосредна близина. Ваљес го одбрани слободниот удар на Ѓорги Кочорашвили, а Габриел Суазо од тесен агол ја погоди стативата во нејзиниот спој со пречката.
Во надополнетото време Салас се најде високо на теренот и со силен удар од далечина ја затресе мрежата за 1-1. Севиља потоа ја истакна емоцијата на одбранбениот играч, кој е производ на клупската школа и постигна гол во дерби пред своето семејство.
Статистиката беше на страната на Севиља, која имаше 25 удари наспроти шест на Бетис, како и очекувани голови од 2,21 наспроти 0,55.
Бетис, предводен од тренерот Мануел Пелегрини, и понатаму има само два пораза оваа сезона и пет бода предност пред петтопласираниот Реал Сосиедад, а е непоразен на последните пет гостувања во првенството. Севиља е шеста на табелата, а ова беше 15то севилско дерби за нејзиниот тренер Луис Гарсија Пласа, пишува Ер-Те-Ве-Е.
















