Интер ќе мора да се снаоѓа без Хакан Чалханоглу во наредните недели. Турскиот репрезентативец во вторникот наутро беше на прегледи во клиничкиот институт „Хуманитас“ во Роцано, а снимките покажаа мускулна повреда на задната ложа на десниот бут, соопшти Интер.
Клубот во краткото официјално соопштение не наведе колку ќе трае паузата. Според Гацета дело спорт, Чалханоглу ќе отсуствува од три до четири недели, односно околу еден месец, можеби и нешто помалку.
Играчот од средниот ред се повреди во неделата во Бергамо, на натпреварот против Аталанта, кој заврши со резултат 4-4. Чалханоглу почувствува тегоби во задната ложа уште во првото полувреме и мораше да биде заменет, пишува Тутоспорт.
Според италијанскиот весник, соиграчите веднаш го известија стручниот штаб и побараа замена уште при акцијата по која Интер изведе корнер, од кој Пио Еспозито го зголеми водството на 0-2.
Според италијанските медиуми, Турчинот сигурно ќе го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите против Штутгарт в среда на „Сан Сиро“, како и гостувањето кај Борусија Дортмунд во истото натпреварување.
Тој нема да може да му помогне на тимот ниту во двата дуела со Џенова, во првенството и во Купот на Италија, ниту на првенствените натпревари против Фрозиноне, Торино и Лече.
Тренерот Кристијан Киву ќе се обиде да го врати Чалханоглу во составот за натпреварот против Лацио во Суперкупот на Италија, кој е закажан за 22 декември на „Сан Сиро“, наведува Гацета дело спорт.
Ова е втора пауза за Чалханоглу сезонава. Тој веќе отсуствуваше во средината на септември поради проблеми со адукторите. Досега сезонава постигна три гола на 14 натпревари во Серија А и во Лигата на шампионите.
















