Македонија денеска против Кипар, Берокал со комплетен состав

Ненад Димитријевиќ со топка на кошаркарски натпревар
Фото: David Grau Llinares / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Македонската машка кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе игра против Кипар во вториот натпревар од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Селекторот Жозеп Марија Берокал пред дуелот ги има на располагање сите повикани кошаркари. На попладневниот тренинг во средата на репрезентацијата ѝ се приклучија и интернационалците Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт, пренесуваат македонските медиуми.

Рајт пристигна во Скопје во одлична форма по настапите во Евролигата, каде што неодамна со рекордни 29 поени ја предводеше Олимпија Милано до победа на гостувањето кај Асвел.

Македонија и Кипар го дочекуваат овој дуел со ист учинок, односно со по една победа против Австрија, третата репрезентација во групата Ф. Македонија во првиот натпревар убедливо ја совлада Австрија со 91-59 на гостински терен, додека Кипар на домашен терен славеше со 77-72.

Селекторот на Кипар, Панајотис Јанарас, е свесен дека неговиот тим го очекува тешка задача. „Ќе се соочиме со тим со кошаркари кои се натпреваруваат на многу високо ниво, во Евролигата и во Еврокупот. Добро знаеме колку е тешка нашата мисија, но нашите играчи ќе дадат сè од себе“, изјави Јанарас, пренесува „СпортСпорт“.

„Верувам дека натпреварот против Македонија е многу важен. Сакаме да покажеме дека победата против Австрија ни даде нова динамика како национален тим“, додаде селекторот на Кипар.

Пред натпреварот и македонските репрезентативци најавија победа. Виктор Ташовски изјави дека Македонија е поквалитетна од Кипар, но дека тоа треба да го докаже на теренот пред домашната публика.

Само првопласираната репрезентација во групата ќе обезбеди директен пласман во квалификациите за Европското првенство. Натпреварот меѓу Македонија и Кипар во живо ќе го пренесува МРТ 1.