Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во средата ги прими претставниците на македонската јуниорска и сениорска репрезентација во кикбокс, кои од последните две големи натпреварувања се вратија со вкупно 14 медали.
На Светското јуниорско првенство во кикбокс во Италија, младите македонски борци освоија три златни и два бронзени медали, а на Европското сениорско првенство, кое се одржа во Скопје, Македонија освои еден златен, два сребрени и шест бронзени медали.
Претседателката им честиташе за резултатите и истакна дека медалите и пехарите се доказ за спортско витештво, посветеност, дисциплина, пожртвуваност и верба дека со решителност може да се постигне дури и невозможното. Таа додаде дека врвните кикбоксери се инспирација за своите соученици и врсници, но и за идните генерации.
Според Сиљановска-Давкова, успесите на девојките на Светското и на Европското првенство целосно ја побиваат тезата дека кикбоксот не е женски спорт.
Раководството на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија ги оцени постигнатите резултати како врвен дострел, особено ако се има предвид дека македонските натпреварувачи се во нерамноправна финансиска положба во однос на своите ривали. Претседателот на федерацијата, кој е и селектор на репрезентацијата, заедно со стручниот штаб ја опиша тешката, но убава работа со младите спортисти.
На средбата присуствуваше и Елена Неделковска, прогласена за најдобра судијка на Европското сениорско првенство во Скопје, која ја раскажа својата спортско-судиска приказна.
Претседателката порача дека спортската дипломатија, заедно со културната и економската, е моќно мировно оружје на малите држави и дека вреди да се вложува во здраво тело и здрав дух.
















