Интер Ескалдес е првиот клуб од Андора што забележал победа во групната, односно лигашката фаза на некое европско клупско натпреварување. Полупрофесионалците од Андора во четвртото коло од Лигата на конференциите го совладаа Копенхаген со 2-0, пишува Флешскор.
За Интер Ескалдес, кој првпат настапува во Лигата на конференциите, ова се првите освоени бодови во натпреварувањето. Претходно, андорскиот тим имаше водство и во Белград, но Црвена ѕвезда во надополнувањето стигна до победа од 2-1.
Домаќините поведоа во 19тата минута со првиот удар во рамките на голот на натпреварот. Одбраната на Копенхаген не успеа да ја отстрани опасноста по слободниот удар, а Давид Лопес шутираше од волеј од околу 23 метри и ја смести топката во горниот агол.
Рекордниот дански шампион потоа го засили притисокот. Голманот Хави Дијас го одбрани ударот на Виктор Дадасон, а потоа и ударот со глава на Томас Делејни одблизу. Тренерот Бо Свенсон на полувремето направи три измени, но неговиот тим набрзо остана со двајца играчи помалку.
Капитенот Делејни на почетокот на второто полувреме доби два жолти картона во рок од седум минути, а набрзо потоа директен црвен картон доби и Акош Маркграф, за вторпат во пет дена. Тој беше исклучен и при поразот од Нордшеланд со 5-0 на гостински терен. По исклучувањето на Маркграф, за домаќините беше досуден пенал, кој Фејсал Шуаиб го реализираше во 59тата минута за 2-0, наведува Би-Би-Си.
„Денес воопшто не се појавивме“, изјави Свенсон по натпреварот, пренесе данскиот клуб.
Копенхаген по четири кола има седум бода и е 12ти, а Интер Ескалдес со три бода е 28ми на табелата. Андорскиот тим во следното коло гостува кај Хетафе во Мадрид.
















