Борнмут со играч помалку ја сврте Селта, пет од пет во Европа

Фудбалерите на Борнмут слават гол на Рајан
Фото: АФК Борнмут / Викимедија комонс (CC BY 4.0)

Борнмут продолжува со беспрекорните настапи во својата дебитантска сезона во Европа. Англискиот тим, кој речиси три четвртини од натпреварот играше со играч помалку, ја совлада Селта во Виго со 2-1 во петтото коло од Лигата на Европа и стигна до 10 последователни победи, што е клупски рекорд, пишува Би-Би-Си.

Селта поведе во 19тата минута преку Јаго Аспас, кој со прецизен удар ја испрати топката во мрежата од внатрешната страна на стативата, само неколку моменти откако голманот му одбрани удар со маказици.

Само четири минути подоцна гостите останаа со десет играчи откако по интервенција на ВАР беше исклучен Бафоде Дијаките, кој со висок старт го погоди Кухаиб Дриуеч во глуждот.

Борнмут сепак успеа да направи пресврт. Алваро Родригез на почетокот на второто полувреме со глава го искористи центаршутот на Амин Адли, а Рајан во 78мата минута го постигна победничкиот гол по акцијата во која учествуваа и другите двајца резервни играчи, Адријан Трифер и Маркус Тавернир.

Според Би-Би-Си, Борнмут е само третиот тим во историјата што победил на своите први пет натпревари во европските натпреварувања, по Нирнберг во сезоната 1961/62 и Арарат во 1972/73. Тимот на Марко Розе е прв на табелата во лигашката фаза.

Германскиот стратег на почетокот на сезоната беше под притисок. Борнмут на 10 октомври загуби од Челзи со 5-1 и по шест кола во Премиер лигата беше без победа, но оттогаш победи на сите 10 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи најмалку по два гола на секој од нив. Сега е петти во Премиер лигата.

На Селта ѝ беа поништени три гола поради офсајд, наведува Би-Би-Си, а Борнмут веќе во неделата гостува кај Фулам во Премиер лигата.