Ливерпул без Гакпо во дербито, Евертон без Тарковски

Коди Гако Ливерпул
Коди Гако Ливерпул

Ливерпул во недела од 13 часот му гостува на Евертон на „Хил Дикинсон“ во Мерзисајдското дерби без Коди Гакпо, а неизвесен е и настапот на Рајан Гравенберх. Тоа го потврди тренерот Андони Ираола, пренесува официјалната страница на Ливерпул.

„Коди дефинитивно не. Станува збор за мускулна повреда и мораме малку да почекаме додека не заздрави. Ваквата повреда вообичаено трае две или три недели. Ја доживеа на последниот натпревар на Холандија против Германија“, изјави Ираола.

Подобри вести има за Виктор Муњос, кој се повреди при судир пред крајот на првото полувреме на натпреварот на кој Ливерпул славеше во Брижа во Лигата на шампионите. „Добрата вест е што по прегледите нема оштетување на коленото, сè е во ред. Но има голем удар“, рече тренерот. Шпанскиот репрезентативец не тренираше во петокот, но сака да се обиде да тренира во сабота.

За Гравенберх, Ираола рече дека ќе биде тешко да игра. „Не можам да кажам не, бидејќи ваквите повреди се незгодни. Не изгледаат како голема работа, но болката не поминува. Важно е кога ќе се врати да нема болки“, објасни тренерот на Ливерпул, за кого ова ќе биде прво Мерзисајдско дерби.

Во составот на Евертон сигурно ќе отсуствува капитенот Џејмс Тарковски, кој доби црвен картон при поразот од Брентфорд со 0-4 во понеделникот. Тоа беше неговиот прв црвен картон во 351 натпревар во Премиер лигата. Евертон не поднесе жалба, па дербито ќе биде првиот од трите натпревари што ќе ги пропушти, пишува Ливерпул.ком.

„Тарки ќе ни недостасува поради лидерството и многу други работи што ги носи во тимот, но тоа е позиција на која имаме замена, не сме кратки таму“, изјави тренерот Дејвид Мојс, пренесува Би-Би-Си. Мојс ги пофали Мајкл Кин и Џејк О Брајан, кои се главните кандидати да го заменат Тарковски.

Според Мојс, Џек Грилиш е во конкуренција за настап, откако против Брентфорд првпат се врати во составот по прекршувањето на клупската дисциплина. Шкотскиот стратег порача дека за дербито се потребни „ладни глави“ и добро судење.

„За овој град тоа е многу важно, отсекогаш било. Тоа е голем ден за навивачите. Ни беше тешко против нив редовно, но се надеваме дека полека им се доближуваме“, рече Мојс.