Барселона остро ги демантираше наводите во дел од шпанските медиуми дека УЕФА покренала нова постапка против клубот во рамки на случајот Негреира, пренесува SportSport.
Клубот од Кампа ноу во соопштение нагласи дека постапката не е повторно отворена затоа што никогаш не била ниту затворена. „УЕФА нема покренато никаква постапка против Барселона. Постапката беше покрената пред три години со именување на двајца истражители, кои оттогаш ги преземаа сите активности што ги сметаа за неопходни.“
Станува збор за истрагата поврзана со Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Техничкиот комитет на судиите во Шпанија. Реал Мадрид претходно достави обемна документација до УЕФА во која се наведуваат исплати од Барселона кон Негреира во периодот 2001-2018, во вкупен износ од повеќе од осум милиони евра.
Барселона инсистира дека станува збор за тековна истрага и ревизија, а не за ново покренување. „УЕФА не најави покренување, повторно отворање или ново активирање на каква било постапка. На истражителите е да одлучат кои чекори ќе ги преземат во врска со доставената документација. Досега Барселона нема добиено известување за нова постапка.“
Во истиот период што се споменува во документацијата, Барселона освои девет титули во Ла Лига и четири во Лигата на шампионите. Клубот одамна тврди дека соработките биле за консултантски услуги и дека немало влијание врз судиите – теза што Реал и дел од јавноста остро ја оспоруваат.
УЕФА ги прими документите на Реал порано оваа недела, што ја обнови медиумската врева. Одговорот од Барселона е обид да се стави точка на тврдењата за „нова“ постапка и да се врати фокусот на тоа дека истрагата е стара и сѐ уште отворена.
Правната завршница останува кај истражителите на европската куќа. Дотогаш Каталонците и Мадрид ќе продолжат да ја толкуваат истата документација од сосема различни агли.
















