Барселона официјално го доведе Килијан Хејс до крајот на сезоната

Килијан Хејс во дресот на Шоле
Фото: Yannick - L'oeil du nord / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Барселона официјално го ангажираше американскиот бек со француски пасош Килијан Хејс, поранешен седми пик на НБА драфтот. Дваесет и петгодишниот плејмејкер потпиша договор до крајот на сезоната, односно до 30 јуни 2027 година.

Хејс, кој е висок 1,95 метри, успешно ги помина медицинските прегледи и пристигнува како слободен играч за да ја засили ротацијата на надворешните позиции. Тој првенствено игра како плејмејкер, но може да настапува и како бек шутер, објави Барселона.

„Тој е играч со многу интересни физички карактеристики, кој може добро да се вклопи во она што го имаме и што го правиме. Многу сакаше да го направи овој чекор и да ја остави зад себе претходната етапа од кариерата“, изјави спортскиот директор Шеви Пујол.

Хејс е роден во Лејкленд, Флорида, но израснал во Франција, каде што ја почна кариерата во Шоле. Со Франција ја освои титулата на Европското првенство до 16 години, на кое беше прогласен за најкорисен играч.

Во 2019 година од Шоле замина во германскиот Улм, со кој во Еврокупот бележеше просечно по 12,8 поени и 6,2 асистенции. Во 2020 година Детроит го избра како седми пик на драфтот.

Во НБА одигра 239 натпревари во шест сезони, од кои 210 за Детроит, а потоа настапуваше и за Бруклин и Сакраменто. Најдобрата сезона ја имаше во 2022/23 година, кога на 76 натпревари бележеше просечно по 10,3 поени, 2,9 скока и 6,2 асистенции, пренесува Баскетњуз.

Според Марка, договорот содржи клаузула за раскинување доколку добие понуда од НБА, а Барселона брзо реагираше поради повредите на надворешните позиции, меѓу кои се и оние на Кевин Пантер и Умоја Гибсон.

Во Барселона Хејс повторно ќе игра со поранешните соиграчи од Детроит, Стенли Умуде и Џастин Робинсон, како и со Тајриз Мартин и Тосан Евбуомван, со кои настапуваше во Бруклин.